ТВ21 Oct 18, 2016 Невладините организации и Детската амбасада Меѓаши реагираа за случајот со девојките од село Јаболчиште, чии родители одлучиле дека на нивните ќерки им е доволно само основното образование. Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност вели дека во случајов постои насилство и кршење на правата на жените. Таа додава дека главната причина за овој проблем е недоволната посветеност на надлежните институции за создавање безбедни услови за семејствата од руралните средини.
Тодоровска додава дека е потребна соработка меѓу државните институции и локалните заедници, за да се реши овој и слични проблеми. Првата детска амбасада во светот Меѓаши потсетува дека секое дете има право на образование, без оглед на полот и местото на живеење.
Невладините организации ги повикуваат институциите да направат максимален напор за спроведување на член 9 од Уставот на Македонија, кој вели дека :„ Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба.“ Но додека институциите, локалната заедница и родителите си го префрлаат проблемот, девојките од Јаболчиште остануваат вон наставата која веќе почна во средните училишта.
Мирадие Хасани