Се зголемуваат случаите на сексуални напади врз деца
Секоја година во земјава има десетици сексуални напади врз деца помлади од 14 години. Само во последните 5 дена се регистрирани 2 вакви случаи и тоа во Битола и Тетово. Официјално во земјава се регистрирани 303 педофили, од кои 13 се жени, а нивните жртви се деца до предпубертетска возраст, поточно деца до 13-14 години.
Поголемиот дел од педофилите се на слобода, а според студиите, веројатноста да го повторат кривичното дело е и до 75 отсто. Министерството за внатрешни работи во последниве 10 години евидентирало 387 сексуални напади врз деца, а ова е статистиката за последните четири години.
Сексуални напади врз деца помлади од 14 години
• 2019 – 30 случаи
• 2020 – 35 случаи
• 2021 – 28 случаи
• 2022 – 22 случаи
Државата никако не најде ефикасен начин да ѝ пристапи на оваа појава. До пред четири години во кривичниот законик се предвидуваше и хемиска кастрација на дијагностицираните педофили, но иако оваа мерка никогаш не беше спроведена, државата реши и да ја отстрани од законската регулатива.
Во моментов единствена мерка што се презема е затворска казна, а како превентивна мерка на веб-страницата „registarnapedofili.mk“ се објавуваат личните податоци на педофилите како фотографија, име, презиме, прекар и адреса на живеење.
Драги Змијанац од Првата детска амбасада во светот Меѓаши ја истакна потребата од заострување на овие мерки, бидејќи, како што вели, несоодветното лекување на педофилите и нивното пуштање на слобода предизвикува дополнителна траума кај децата кои биле жртви.
Со цел граѓаните да проверат дали некој од нивната околина е потенцијален сторител на некое од 11-тте кривични дела поврзани со педофилија, нивните лични податоци остануваат во јавниот регистар во текот на нивниот живот, па дури и по излегувањето од затвор се принудени да се појавуваат во суд еднаш годишно./Alsat.mk
Ардит Рамадани